Вуди Ален потврди дека наесен во Париз ќе почне да снима нов филм. Во интервјуто со Алек Болдвин на Инстаграм, 86-годишниот филмаџија кажа дека неговиот 50. филм би можел да му биде и последен.
„Исчезна голем дел од возбудата. Сега снимаш филм и добиваш неколку недели во кино, по што филмот оди на стриминг. Веќе не е исто, не уживам во тоа“, призна Ален.
Тој ги објави своите два последни филма за време на пандемијата, од кои комедијата „Фестивалот на Рифкин“ не помина баш добро.
Ален претходно имаше договор со стриминг платформата на „Амазон“ за снимање на пет филма, но тој беше раскинат откако во јавноста повторно почна да се зборува за старите обвинувања дека сексуално ја злоставувал својата посвоена ќерка Дилан. Овие обвинувања беа тема и на ланската минисерија на Ејч-Би-О, „Ален против Фароу“.