ЗАПОЧНУВА 13. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ВОЧ АУТ“ ВО ТЕТОВО, ЗА ЧЕТИРИ ДЕНА ЌЕ СЕ ПРИКАЖАТ 24 ФИЛМА

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Тетово во наредните четири дена ќе биде домаќин на 13. издание на филмскиот фестивал „Воч аут“ (Watch Out). За оваа традиционална филмска манифестација и овојпат владееше голем интерес, па биле испратени 630 филмови од 81 земја од шест континенти.

„Ова издание на фестивалот ги слави животот и надежта, истовремено истражувајќи ги неодминливите реалности и борбата за подобар живот. Фестивалот ги користи уметноста и културата да ги донесе овие наративи на реалноста поблиска до нас, премостувајќи ги со надеж и посветла иднина“, вели Бујар Љума, директорот на Центарот за балканска соработка ЛОЈА од Тетово, кој е организатор на фестивалот.

Од пристигнатите филмови меѓународното стручно жири селектираше 24, кои во наредните четири дена ќе бидат прикажани на отворената сцена во Музејот на КПМ во Тетово. Ќе бидат доделени награди за најдобар филм во четири категории: краток, експериментален, анимиран и документарен.

Влезот за сите проекции е слободен.

З. АНДОНОВ