ФИЛМОВИТЕ НА СТОЛЕ ПОПОВ ВО ФОКУСОТ НА ПРОГРАМАТА НА КИНОТЕКАТА ЗА МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмовите на режисерот Столе Попов, годинашен добитник на наградата Златен објектив, се во фокусот на програмата на Кинотеката за мај. Оваа награда се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија, а на Попов ќе му биде врачена на крајот на овој месец.

По тој повод, во Кинотеката ќе се прикажат неговите документарци „Оган“, „Дае“ и „Австралија, Австралија“ и антологиските играни филмови „Црвениот коњ“, „Среќна Нова 1949“ и „Тетовирање“. Во рамките на циклусов ќе биде прикажан и револуционерниот вестерн проект, „До балчак“, реализиран по сценарио на легендата на македонската театарска и филмска драматургија Горан Стефановски.

Од Кинотеката најавуваат дека домашната киносцена ќе биде претставена и преку ретроспективна проекција на кратки форми од етаблираните дејци Кочо Недков и Дарко Марковиќ, а ќе биде прикажан и краткиот филм „Влакна“, сценарио и режија на Елеонора Венинова.

„На менито на Кинотеката месецов е и новиот филм на Франсоа Озон. Се работи за еден навистина интересен постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран Рајнер Вернер Фасбиндер“, велат од Кинотеката.

Ќе има и ревија на италијански филм, а ќе се прикаже и францускиот филм „Анатомија на падот“, кој годинава доби Оскар за најдобро сценарио, а имаше пет номинации.

Фото: Мето Јовановски во „Тетовирање“