Поп пејачката Тејлор Свифт ја предводи листата на славни личности со најголема заработка, објави „Форбс“.
Магазинот ја стави 29-годишната пејачка на првото место со заработени 185 милиони долари, во периодот од 1 јуни 2018. Најголемиот дел од тие пари доаѓа од нејзината стадионска турнеја „Репутација“, за која „Форбс“ вели дека е турнеја со најголем приход во историјата на САД.
Свифт првпат влезе на листата на 100-те најплатени личности на „Форбс“ во 2016, кога нејзините приходи изнесуваа 170 милиони долари.
На второто место е ТВ-ѕвездата и инфлуенсерка Кајли Џенер со 170 милиони долари. Претходно годинава, Џенер беше прогласена за најмлад самосоздаден милијардер во историјата.
Канје Вест е трет со 150 милиони долари, а во топ-10 уште се Ед Ширан, Лео Меси, Кристијано Роналдо, Нејмар, рок ветераните „Иглс“ и ТВ-личноста Доктор Фил.