Гитаристот на „Ролинг стоунс“, Рони Вуд, објави дека по вторпат се излекувал од рак, што му бил дијагностициран лани за време на карантинот. Седумдесет и тригодишниот Вуд имал рак на мали клетки, што вообичаено се појавува во белите дробови. Ова следува четири години по успешната борба со ракот на белите дробови.

„Досега сум имал два различни типа на рак. Двата ги снема. Можам да се заблагодарам на виша сила за позитивниот исход. Мое беше да останам позитивен и силен и да се борам“, изјави Вуд.

Во 2017, тој при рутинска контрола дознал дека има рак на белите дробови.

„Не почнав да ја губам косата и продолжував да верувам дека сѐ ќе биде во ред. Имав многу среќа, но отсекогаш сум имал ангел чувар кој се грижеше за мене“, кажа тогаш Вуд.

Тој вели дека сликањето и грижата за четиригодишните близначки многу му помогнале да остане силен.

„Сега се чувствувам како да ми е дадена втора шанса. Спремен сум да се вратам на сцена“, вели Вуд.