ЃОКОВИЌ МУ ПОНУДИЛ ПОМОШ НА ТЕНИСЕРОТ СТАХОВСКИ, КОЈ СЕ ВКЛУЧИ ВО ОДБРАНАТА НА УКРАИНА

Киев, (Ројтерс)

Новак Ѓоковиќ му понудил финансиска и друга помош на поранешниот тенисер Сергеј Стаховски, кој се пријави во резервниот состав на украинската војска кога почна руската инвазија.

Триесет и шестгодишниот Стаховски, кој освои четири АТП титули и беше 31. играч на светот, е можеби најпознат по шокантната победа над Роже Федерер во второто коло на Вимблдон во 2013. Тој зеде оружје в раце минатиот месец, иако нема војничко искуство.

Стаховски откри дека Ѓоковиќ му се јавил преку Вотсап.

„Те молам, кажи ми на која адреса да испратам помош…, финансиска помош, каква било помош. Мислам на тебе, се надевам дека ситуацијата брзо ќе се смири“, му пишал Ѓоковиќ.

Стаховски објави на Инстаграм дека Украина е благодарна за неговата поддршка.

Покрај него, и некогашните светски шампиони во бокс Владимир и Витали Кличко кажаа дека ќе се борат против руските сили.