ГОРДА СУМ НА ЧЕТИРИТЕ НАГРАДИ ЗА ЛИКОТ НА ИЗАБЕЛА, ВЛОЖИВ МНОГУ ТРУД И ЉУБОВ, ВЕЛИ МЛАДАТА ГЛУМИЦА ЈОВАНА МИЛАДИНОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Многу сум горда на овие награди, особено поради тоа што се добиени со голем труд и љубов кон тоа што го сакам, вели 21-годишната актерка Јована Миладинова, која освои четири награди за улогата на Изабела во претставата „Едвард Втори“, режија на Украинецот Андриј Жолдак. Претставата е копродукција на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија. Премиерата беше на Охридско лето. Работена е според текст на Кристофер Марлоу, со драматизација на Сашо Димоски.

Првата награда ја доби на фестивалот „Сцена на крстопат“ во Пловдив за високо уметничко достигнување, потоа беше прогласена за најдобра млада актерка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и на фестивалот МЕСС во Сараево и неодамна на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ беше наградена за најдобра женска улога.

Миладинова е трета години студии на Универзитетот ЕСРА во Скопје.

Фото: Приватна архива

За СМАРТ СДК.МК вели дека глумата отсекогаш ја привлекувала, кога е на сцена се чувствува најсреќно и тогаш е своја.

„Јас велам дека од една страна, јас ја избрав оваа професија, но сепак, кога добро ќе размислам, попрво професијата ме избра мене. Сето тоа започна кога како малечка одев на балет, се сеќавам имав шест години и таму првпат спонтано добив улога да ја играм стоногалката Розе. Бев многу среќна и уште оттогаш знаев дека тоа ќе биде мој пат“, ни рече Миладинова.

„Едвард Втори“ е нејзината прва професионална претстава, а за искуството со Жолдак вели дека е незаборавно и ќе го памети цел живот.

„Тоа беше еден процес во кој се предизвикуваш себеси на секоја проба. На кастингот отидов не знаејќи дека тоа ќе биде кастинг. Од мојот факултет отидовме на неколкудневна работилница со Андриј Жолдак, таму разбравме дека тоа е всушност кастинг. Улогата ја добив со многу работа, труд, посветеност, пожртвуваност и откажување, секако имав многу голема доверба кон режисерот. Прецизноста со која работеше Андриј е несекојдневна, таква бараше и од нас. Пробите беа долги, но многу продуктивни. Сите заедно како тим секогаш работевме со максимална концентрација, многу љубов и заемна доверба“, кажа таа.

Фото: Велешки театар

За наградите вели дека секако имаат огромно значење за нејзината кариера во секоја смисла, но и за успехот на целата претстава. Таа влезе во историјата како најмладата добитничка на наградата за најдобра млада актерка на реномираниот МЕСС.

„Секогаш добивам голема поддршка од моите колеги, позитивни коментари, дури тие кои не ме познаваат не веруваат дека сè уште студирам. Совет што сум го добила и многу го ценам е дека никогаш не треба да изгубам искреност, скромност и пожртвуваност кон оваа професија, па и општо во животот. Многу сум горда на овие награди, особено поради тоа што се добиени со голем труд и љубов кон тоа што го сакам. Од друга страна, носат и една голема одговорност и желба да се работи и твори и понатаму“, рече Миладинова.

Б. НЕСТОРОСКА