ЃОРЃЕ МИ ДОНЕСЕ ТАМБУРАШИ ПОД ПРОЗОРЕЦОТ И СЕ ОХРАБРИ ДА ПОБАРА ЗА ЖЕНА ПРОВИНЦИЈАЛКА, РЕЧЕ ОЛИВЕРА БАЛАШЕВИЌ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Своето скромно детство со самохраната мајка, го раскажа Оливера Балашевиќ, српската актерка и писателка, сопругата на легендарниот Ѓорѓе Балашевиќ во монобајката „Презимето на розата“, сношти во МНТ.

За нејзиниот Ѓорѓе кој почина од ковид во 2021, таа зборуваше малку, но покажа вредна приватна снимка на крајот од претставата. Балашевиќ на својата Оливера на која ѝ посвети многу песни ѝ донел тамбураши под прозорецот, за да ѝ свират унгарски чардаш каков што слушала во детството, во дворот на куќата во Зрењанин, кој таа, мајка ѝ и брат ѝ го делеле со неколку семејства. И Балашевиќ, прво маскиран, дошол со музичарите и запеал под прозорецот на Оливера, брзо пред да почине.

Балашевиќ на својата Оливера на која ѝ посвети многу песни ѝ донел тамбураши под прозорецот, за да ѝ свират унгарски чардаш каков што слушала во детството, а снимката, таа ја покажа на претставата (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Се знаеме ние од некаде. Ме знаете од песните за провинцијалката, за вештерката, од песната за Оливера“, рече Балашевиќ на почетокот. Мајката, таа ја опиша како строга, грижлива и мудра жена, која гордо го носела фустанот кој заедно со другата облека го добивале во кутиите од Црвениот крст. Оливера, тогаш Савиќ и нејзиниот брат од неа научиле како да го изберат подобриот јаглен за огрев, протнувајќи се под вагоните на возовите. Кога ќе ги наполнеле вреќите, мајката им велела: „Деца, сега сме мирни на некое време“.

„Тоа некое време се случуваше чекор по чекор, па со неа бевме мирни цело време“, рече Оливера Балашевиќ која во детството и во младоста била гимнастичарка, мислејќи дека со добиените медали ќе се гордее нејзиниот татко кој не живеел со нив.

„Еднаш се осмелив да го најдам неговиот број, да го побарам, кога се омажив за Ѓорѓе и имав две деца. Седев со мајка ми, а Јелена и Јована си играа со кукли поголеми од нив. Сакав сѐ да му раскажам. Кога ме ислуша од другата страна слушнав само тивко: ‘Имате грешка“.

На својата мајка, Оливера Балашевиќ ѝ ја посвети книгата „Планетата двор“ (Планета двориште), и рече дека ја препознава во нејзините три деца и во внуците.

Оливера Балашевиќ во детството и во младоста била гимнастичарка, мислејќи дека со добиените медали ќе се гордее нејзиниот татко кој не живеел со нив (Фото: К. Попов)

„Вечерва вие не ми аплаудиравте на мене. Ѝ аплаудиравте на мојата храбра мајка, и му апллаудиравте на него, вечното момче кое се осмели да побара за жена една провинцијалка“, рече актерката на крајот, а се одјави токму со песна од Ѓорѓе Балашевиќ и со приказна за него:

„Има една плажа во Нови Сад, најубавата плажа на Дунав. Тука во 1979 година, облеков црн целосен костим и се охрабрив да го поканам заедно да се капеме иако знаев дека ќе ме одбие. Од тогаш не се разделивме“.

М. ЏАРОВСКА