ХАМБУРГ ИЗБРАН ЗА ГРАД СО НАЈДОБАР НОЌЕН ЖИВОТ НА СВЕТОТ

Лондон, (Индипендент)

Хамбург ги победи Њујорк, Париз и Лондон и ја освои титулата за град со најдобар ноќен живот на светот.

Ова истражување го спроведе интернет-страницата за онлајн резервации Хостелворлд и во него учествуваа над 4.000 луѓе од 41 град од 27 држави, кои го оценуваа ноќниот живот во својата област врз основа на неколку критериуми, како неговите квалитет, достапност, цени и безбедност и отвореноста на локалните жители.

Хамбург ги доби највисоките оценки во три категории: тој е град кој има најдобар однос кон туристите, најдобро место е за запознавање нови луѓе и лесно е да се движиш низ него.

Што се однесува до самиот квалитет на ноќниот живот, Хамбург го дели второто место со Копенхаген.

Главниот град на Данска остана без првото место само затоа што е скап, но нуди разновидни содржини и е најсигурен.

На листата потоа следуваат Берлин, Даблин и Амстердам, додека некои развикани градови котираат пониско, како Њујорк, кој е на 10. место, додека Лондон е дури 26-ти.