САМО СО УПОРНО ВЕЖБАЊЕ СЕ СТАНУВА СВЕТСКИ МОЌЕН, ВЕЛИ РИСИМКИН ЗА ГОСТУВАЊЕТО ВО КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Танчарите од Скопје танцовиот театар синоќа ја изведоа претставата „Кожа“ во „Јингјанг драма центарот“ во Кина, на фестивалот „Маритиме силк роуд “, а веќе утре се во градот Чуанџо, кадешто ќе настапат во Уметничкиот центар.

Театарот со уметничката директорка и кореографка Рисима Рисимкин до петок ќе биде во Кина, како претставници на Македонија во програмата насловена како Културна сезона 2017, која се одвива низ целата година во повеќе градови во Кина и која е дел од соработката „16+1“ помеѓу Кина и земјите од Југоисточна и Централна Европа.

„Имавме полн салон публика, одлично поминавме. Нѐ фасцинира што цел град живее со фестивалот, за сѐ се информирани и ги следат сите претстави“, ни изјави Рисимкин.

Претставата „Кожа“ е составена од три кореографии: „Котел“ на Рисимкин, на музика на Тони Китановски, „Погрешно“ на Адријана Данчевска, на музика на групата „Верка“ и „Истиот извор“ на Матеа Киселичка. Костимите за трите дела се на Благој Мицевски.

Во претставата играат: Киселичка,  Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Јована Зајкова, Сара Цветковска, Тереза Лазарев и Бобан Русески.

Рисимкин вели дека учеството на Скопје танцовиот театар на оваа завршница на културната сезона во Кина е високо признание за нив. – Од пробите во Скопје (Фото: М. Златевска)

Рисимкин вели дека учеството на СТТ на оваа завршница на културната сезона е високо признание за нив. Таа изминитиве месеци на двапати беше во Кина, прво во септември во градот Ксијан, кога беше во жирито на првиот денс маратон и одржа мастерклас.

Во октомври, на покана на Пекиншката академија за танц, одржа мастерклас на Колеџот на извонредноста и потпиша договор за соработка и размена на студенти со Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, кадешто работи Скопје танцовиот театар.

„Кај Кинезите ме фасцинира тоа што имаат јасно зацртано во културната програма дека сакаат да развиваат современ танц. Тоа не е само декларативно, кога се дава поддршка на нешто, туку вистински се вложува. Оние земји кон кои се води Македонија како модели за економски и за културен развој, современиот танц го ставаат во врвните примарни уметности на денешнината. Ме воодушевуваат нивните дисциплина и начин на работа, професионализмот се гледа на секој чекор. Таков тип на работа, со вежби секој ден по осум часа, во уметноста носи резултат и стануваш моќен и светски признат, а не само главен на локално ниво. Важно е ние како мала земја да се измериме надвор, да покажеме дека нашиот квалитет е во тек со светските текови“, вели Рисимкин.

Б. НЕСТОРОСКА