Седумсто и девет албуми со македонска изворна музика се дигитализирани и достапни на www.tradmusictrails.com. Албумите се дел од приватната колекција на холандскиот вљубеник во македонскиот фолклор Питер Ендендајк, кој посветено ги собирал пет децении.
Ендендајк и неговата сопруга Анемик ден Аул му подарија на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ дваесетина плочи со песни и ора од националниот ансамбл.
Вкупната колекција на Ендендајк брои 8.112 албуми од Европа, Канада, САД, Африка и од Азија, а 75 отсто од неа е дигитализирана и достапна на серверот, на кој работи веќе десетина години.
Албумите со македонска музика се на третото место во исклучителната колекција, но имајќи ја предвид површината на државата и бројот на жители, тие се на првото место.
Ендендајк првата плоча ја купил во мај 1962 година, а првпат дошол во Македонија во 1967 година. Од нив, 1.237 се од Бугарија, 139 од Јужна Европа и Латинска Америка, 397 од БиХ, Хрватска и Словенија, 291 од Албанија и Косово, 555 од Романија, 472 од Турција и 291 од Западна Европа, Скандинавија, Канада и од САД.
„За традиционалната музика се заинтересирав поради програмата за народни танци во основното и во средното образование, а подоцна сфатив дека ми лежи музиката од балканските земји. Колекцијата ја организираме со програма за база на податоци што сами ја направивме. Дигитализираните 75 отсто од колекцијата се достапни на серверот. На овој начин, пребарувањето на варијации и верзии е лесно, дури и ако мелодиите се познати во различни региони или земји“, рече Ендендајк.
Холандскиот амбасадор во Македонија, Ваутер Пломп, кажа дека иако е официјален амбасадор две години, Питер и Анемик се вистинските амбасадори, кои Македонија ја сметаа за свој втор дом.
Во просториите на „Танец“ се изложени фотографии на тројцата Холанѓани, Фред Волп, Марја и Карлус Коупман, кои летувале на Охридското Езеро од 1973 до 1975 година и притоа ги документирале уличните музичари.
Б. НЕСТОРОСКА