„Имавме тешка задача да направиме филм во театар“, кажа режисерката Теа Беговска за претставата „Фамилијата Адамс“, која премиерно ќе се изведе на 25 декември од 20 часот во Драмски театар во Скопје.
Членовите на имагинарната фамилија Адамс се најпознатите ликови кои ги креирал американскиот писател и карикатурист Чарлс Самјуел Адамс, познат по користењето на црниот хумор. Беговска вели дека инспирацијата за претставата ја црпела од стриповите, како и од филмските верзии од 1991 и 1993 година.
Во претставата играат Предраг Павловски, Трајанка Илиева-Вељиќ, Гордана Ендровска, Нина Елзесер, Сашо Тасевски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Емилија Мицевска, Златко Митрески и Маја Вељковиќ-Пановска. Играат и осуммина студенти од Факултетот за драмски уметности и од Универзитетот „Еуропа Прима“.
„Во оваа претстава, Венздеј, која ја игра Нина Елзесер, е тинејџерка и затоа претставата е наменета за млада публика, па нагоре“, најави Беговска.
Сценографијата е на Никола Пијанманов, костимите на Ратка Џамбазовска-Коцев и Раде Василев. автор на музиката е Енес Беговски, а кореографијата е на Бојан Лазаров.
Претставата е работена со сопствени средства на Драмскиот театар. Репризата е на 27 декември.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: Гордана Ендровска и Нина Елзесер (Драмски театар)