ИНТЕРВЈУТО НА ХАРИ И МЕГАН ГО ГЛЕДАЛЕ 50 МИЛИОНИ ЛУЃЕ, ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ ВО УШТЕ 80 ЗЕМЈИ

Њујорк, (АП)

Интервјуто на Хари и Меган со Опра Винфри го гледале речиси 50 милиони луѓе низ цел свет и оваа бројка ќе расте, бидејќи Си-Би-Ес кажа дека ќе се емитува на уште 80 територии. И Си-Би-Ес најави дека ќе го репризира в петок.

Интервјуто досега е прикажано во 17 држави, каде што имало вкупно 49,1 милион гледачи. Според компанијата „Нилсен“, во оригиналниот термин во САД го гледале 17,8 милиони луѓе. Наредната вечер се прикажа на британската национална мрежа Ај-Ти-Ви, привлекувајќи 13,3 милиони гледачи, што се смета за огромна бројка за Велика Британија.

Реакциите на интервјуто, во кое што Меган Маркл откри дека толку ѝ било тешко како член на британското кралско семејство што помислувала на самоубиство, не стивнуваат. Вчера се огласи и Бакингамската палата, нагласувајќи дека ќе ги испита тврдењата на Маркл дека имало расистички забелешки во семејството. Ова следува откако таа изјави дека еден член на кралското семејство се интересирал колку темна кожа би можел да има нејзиниот син Арчи.

„Тие кажуваа дека не сакаат Арчи да биде принц, што би било спротивно на протоколот“, изјави Маркл.

Според декретот на кралот Џорџ Петти од 1917 година, на Арчи не му ни следува оваа титула, зашто правнуците на монархот не можат да бидат принцови или принцези, освен најстариот син (Џорџ) на најстариот син (Вилијам) на принцот на Велс (Чарлс). Сепак, кралицата Елизабета Втора го заобиколи ова правило во 2012, кога дозволи сите деца на Вилијам да бидат носители на оваа титула. Арчи исто така ќе стане принц, но откако Чарлс ќе го преземе тронот.