„Игрите на гладните“ на Сузан Колинс остана важна франшиза во дистописката фантастика повеќе од една деценија. Таа стана уште попопуларна откако книгите беа адаптирани во филмска трилогија со Џенифер Лоренс во главна улога.
Пораката за отпор, издржливост и упорност на Кетнис Евердин и нејзиниот симболичен поздрав со три прста активистите во Тајланд и Мјанмар ги позајмија како заштитен знак на своите протести.
Поздравот прво беше искористен од младите демонстранти во Тајланд во 2014 година, кои бараа да се распушти парламентот и да се одржат нови, легитимни избори. По овие протести, на кои студентите во една рака ја држеа легендарната книга на Џорџ Орвел „1984”, тајландската влада одлучи да го забрани симболот со три прста.
Минатата недела, демонстранти, вклучувајќи медицински работници и млади луѓе, излегоа на улиците во Мјанмар за да се спротивстават на воениот удар, притоа користејќи го симболот со три прста. Дополнително, група од илјада ученици и наставници им понудија рози на полицајците, симбол што го користеше авторитарниот претседателот на Панем, Сноу.