ЈА НАПУШТИВ БРИТАНИЈА ЗАШТО ОТРОВНИТЕ МЕДИУМИ МИ ГО УНИШТУВАА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ, ВЕЛИ ПРИНЦОТ ХАРИ

Лондон, (Ројтерс)

Принцот Хари изјави дека се повлекол од своите кралски задолженија зашто отровните британски медиуми му го уништувале менталното здравје.

Минатата недела, Бакингамската палата соопшти дека Хари и Меган и дефинитивно се разделиле од кралското семејство и не се враќаат во негова служба.

Хари и Меган ја шокираа монархијата во јануари минатата година кога соопштија дека се повлекуваат од кралските задолженија и ќе станат финансиски независни, по што се преселија прво во Канада, а потоа во Лос Анџелес. Тие досега не зборуваа јавно за своите причини.

„Јас не се оддалечив, тоа беше повлекување. Мислам дека многумина видоа дека тоа беше тешко окружување“, изјави Хари при гостувањето во шоуто на Џејмс Корден, па ги нападна британските медиуми.

„Сите знаеме какви можат да бидат. Тие ми го уништуваа менталното здравје, беше отровно. Затоа го направив она што секој сопруг и татко би го направил, си го тргнав семејството оттаму“.

Пред да замине, двојката се жалеше на третманот што Меган го има во медиумите. Минатиот месец, тие успешно тужеа еден таблоид во одделни случаи.

„Што и да реши другата страна, јас никогаш нема да се оддалечам. Мојот живот е јавната служба, без разлика каде се наоѓам“, вели Хари.

Тој и Меган би требало да откријат повеќе детали во интервјуто со Опра Винфри на 7 март.