ЈИРГЕН КЛОП ГО ЗАВРШУВА ОДМОРОТ, ЌЕ БИДЕ ШЕФ НА ФУДБАЛОТ ВО „РЕД БУЛ“

Виена, (Би-Би-Си)

Јирген Клоп го завршува одморот и доби нов ангажман по заминувањето од клупата на Ливерпул. Харизматичниот Германец ќе биде глобалниот шеф на фудбалот во „Ред бул“ и на оваа функција ќе стапи на 1 јануари 2025.

„По речиси 25 години покрај теренот, не можам да бидам повозбуден што влегувам во еден ваков проект. Улогата можеби се промени, но не и мојата страст кон фудбалот“, изјави 57-годишниот Клоп.

Компанијата за енергетски пијалаци е сопственик на фудбалските клубови РБ Лајпциг (Германија), Ред бул Салцбург (Австрија), Њујорк ред булс (САД) и Ред бул Брагантино (Бразил), а има акции и во Лидс.

„Јирген Клоп нема да биде вклучен во секојдневните активности, туку ќе ги советува клубовите за играчка филозофија, трансфер стратегија и за развој на тренери“, објави „Ред бул“.

Клоп ја почна тренерската кариера во Мајнц, а потоа оствари големи успеси со Борусија Дортмунд и Ливерпул, кој го напушти на крајот на минатата сезона.

(Фото: АП)