ЈОАКИМ ЛЕВ НЕМА ДА ДОБИЕ ОТКАЗ ПОРАДИ ПОРАЗОТ ОД МАКЕДОНИЈА

Берлин, (ДПА)

Германската фудбалска федерација (ДФБ) објави дека не размислува да го смени селекторот Јоаким Лев, и покрај срамниот пораз од Македонија од 1:2 во квалификациите за Светското првенство во Катар.

„Разочарувањето против Македонија не менува ништо во нашиот распоред. Јасно кажавме дека ќе имаме нов селектор кога наесен ќе продолжат квалификациите за Светското првенство и натаму нема ништо да коментираме“, изјави претседателот на ДФБ, Фриц Келер.

Минатиот месец, Лев објави дека ќе ја напушти клупата на германската репрезентација по претстојното Европско првенство, една година пред истекот на договорот, но по поразот од Македонија се засилија повиците за негова моментална смена.

„Се разбира дека не требаше да изгубиме од Македонија, но Лев има знаење и искуство успешно да го води тимот на Европското првенство. Тој е силно мотивиран неговото последно големо натпреварување како селектор да го претвори во успех“, кажа директорот на федерацијата Оливер Бироф, додавајќи дека името на наследникот на Лев ќе биде предложено летово.