Откако пред две години објави дека се откажува од актерската кариера, Камерон Дијаз почна сосема нова улога на стартот на декадата.
Четириесет и седумгодишната Дијаз и нејзиниот сопруг, музичарот Бенџи Маден, објавија дека станале родители на девојче, на кое му дадоа име Редикс.
„Ние сме пресреќни, благодарни и благословени што ја почнуваме деценијата со објавата за раѓањето на нашата ќеркичка. Таа веднаш ги освои нашите срца и ни го комплетираше семејството“, напиша Дијаз на Инстаграм.
Сепак, таа порача дека нема да објавуваат фотографии од бебето.
„Јас и Бенџи сме пресреќни што можеме да ја споделиме оваа вест, но и сакаме да ја заштитиме приватноста на нашето дете“, додаде таа.
Дијаз, која го сними последниот филм во 2014, се омажи за гитаристот на рок групата „Гуд Шарлот“ наредната година.