Кардиологот Сашко Кедев утрово го искачи вториот највисок врв на светот К2 (8.611 метри), кој е дел од планинскиот венец Каракорам и се наоѓа на границата на Пакистан и Кина.
Кедев беше дел од 23-члена меѓународна експедиција, во која покрај 13-мина шерпаски водичи, имало и планинари од Кина, Германија, САД, Шведска, Канада, Холандија и Јапонија.
„Пресреќни сме што можеме да споделиме дека целиот тим успеа да стигне на вториот највисок врв на светот денеска меѓу осум и девет часот по локално пакистанско време“, соопшти организаторот на турата „Имеџин Непал“.
Тој со ова стана првиот Македонец кој искачил четири од 14-те врва повисоки од 8.000 метри, меѓу кои е и Монт Еверест.
Првиот Македонец кој го „освоил“ К2 беше Здравко Дејановиќ во јули 2014.