Александар Митевски и Драган Спасов-Дац ќе одржат бесплатен концерт во Скопје, на зелениот покрив на ГТЦ, в петок од 20:30 часот. Концертот е со наслов „Со љубов за Скопје“ и е по повод четири години постоење на дуото Дац и Александар. Актерот и музичкиот продуцент велат дека ваков настан планирале одамна и сега е вистинското време да го реализираат.
„Ќе почнеме со гласот на Бранка Станковска од стар радиоприемник, ќе ги слушнеме ‘златните славејчиња‘ – детскиот ѕвон на некогашно Скопје, ќе раскажеме некои работи и ќе вратиме некои рефрени кои мирисаат на Скопје. Така и го осмисливме, секој да може да дојде и да присуствува, секој да може да слушне и почувствува. И, реприза – нема“, најави Митевски.
„Концертот е посветен на Скопје и скопјани, на сите оние кои сакаа да нѐ слушнат и видат. Многу пораки добиваме со желби за вакво дружење со публиката. Решивме тоа да биде ГТЦ, последниот жив споменик на едно убаво Скопје“, ни изјави Драган Спасов-Дац.
Актерот се сеќава на ГТЦ од неговото детство и вели дека во времето кога беше изграден, беше најголемиот трговски центар на Балканот.
„Модерен и убав, ГТЦ го красеше Скопје. Јас паметам кога во сегашната гаража имаше продавници и тоа ми е врежано како нешто грандиозно. Бев мал и за мене, тоа беше магија. Мал бев за корзо, ама знаеја да ме однесат постарите тетки, на кои им беше мерак да ме прошетаат. Пред ‘Ванила‘ не излегував, нешто друго гледав и сакав во тој период, но затоа ГТЦ го шетавме од крај до крај. Одевме во ‘Самоисхраната‘ на втори, таму се излегуваше, беше популарна. А, кога се отвори пицеријата ‘Жито Лукс‘, со познатата печка која сама ги возеше пиците од едниот до другиот крај, беше атракција и не можеше место да се најде“, вели актерот и додава оти надвор се чекало да се ослободи маса.
„Скопје ми е најубаво во овој период кој го викаат ‘циганско лето‘, кога сонцето ќе се распостели накај есента и го испраќаме летото. Тука се и мирисот на Партизанска и Илинденска во доцен септември, велосипедите и пешаците по стемнетите шеталишта, џагорот на кејот и паркот, звукот на дебармаалските кафеанчиња и бавчи во пријатните ноќи и некои ‘песни од нафталин‘ од уличните свирачи кои ја даваат сликата на едно друго време“, рече Митевски.
Вели дека многу нешта за Скопје ги има кажано во песните што ги пишувал, но секогаш има работи на кои одново се присетува.
„Токму сега кога ја подготвуваме оваа вечер во ГТЦ, ми текна дека како дете од Кисела Вода со црвена 24-ка сум доаѓал накај Градски трговски центар, кој е сѐ уште еден од спомениците на тоа време“, изјави продуцентот.
„Ми фали онаа безгрижност во градот од минатото, кога не беше толку згуснат, нервозен и начичкан, кога некои човечки вредности и доблести беа повеќе на цена. А, носталгијата по тие некои времиња, луѓе и места, како и љубовта што сѐ повеќе ни недостасува, се трудиме да ја насликаме во песните што ги правиме со Дац, на сите наши изведби и настапи“, вели Митевски.
Првиот настап на Дац и Александар како дуо беше на Охрид фест во 2019. Со песната „Цреши охридски“ го освоија второто место. Имаат повеќе авторски песни и преработки на поп и рок хитови од регионот, кои заедно со нивните колеги ги пееја за време на пандемијата. За времето на карантинот во 2020 беа актуелни со вклучувањето во живо на нивниот фејсбук профил во исто време секоја вечер, пеејќи познати песни за да ги развеселат луѓето.
Бранка Станковска, легендарната радио и ТВ-спикерка и водителка, почина на 21 јануари 2021. Имаше 90 години. Станковска целиот работен век од 39 години го помина во Македонската радио-телевизија. Нејзината најава на првиот ТВ-пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 е почеток на програмата на ТВ Скопје емитувана преку сопствената телевизиска мрежа. Неколку месеци подоцна, на 14 декември, Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски Весник, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.
Нејзиниот глас сè уште се слуша на радиопрограмите, особено во популарниот џингл „Точно е 12 часот“.
М. ЏАРОВСКА