ЌЕ ПРОДОЛЖАМ ДА ПОСТИРАМ НА ИНСТАГРАМ, ВЕЛИ НАЈМЛАДАТА ПРЕМИЕРКА НА СВЕТОТ

Хелсинки, (Ројтерс)

Сана Марин вели дека нема намера да престане да постира на Инстаграм откако минатата недела стана премиер на Финска на 34 години.

„Јас ја претставувам помладата генерација, но кога станува збор за социјалните мрежи, сакам да останам своја личност, без разлика што сега сум премиерка. Затоа нема да го менувам моето однесување, освен што ќе мора повеќе да внимавам што зборувам“, кажа Марин.

Како и Доналд Трамп, и најмладата премиерка на светот е доста активна на социјалните мрежи и на Инстаграм често објавуваше фотографии додека беше бремена и со сега 22-месечната ќеркичка.

Во нејзиниот 19-член кабинет, дури 13 се жени, од кои три, како и неа, се во рани 30-ти години. Сепак, таа не се чувствува како идол.

„Можеби сум на некои луѓе, но сите ние сме само човечки суштества. Важни се проблемите што треба да се решат, а не оние кои ги решаваат“, вели Марин.

Таа влегла во политиката на 20 години и седум години подоцна била избрана за лидер на градскиот совет на Тампере.