Поп-пејачката Деми Ловато првпат се огласи во јавност откако пред неколку недели беше примена во болница поради предозирање со дрога.
„Секогаш сум била отворена за моите зависности. Таа болест не е нешто што исчезнува со време. Тоа е нешто што мора да продолжам да го превладувам, што досега не ми успеа“, напиша 26-годишната Ловато на Инстаграм.
Ловато во минатото отворено зборуваше за својата борба со зависности, како и со биполарно пореметување и иако тврдеше дека веќе некое време е чиста, неодамна призна дека им се вратила на старите навики.
„Ми треба време да зацелам и да се фокусирам на моето целосно заздравување. Ќе продолжам да се борам. Љубовта што сите ми ја пративте никогаш нема да ја заборавам и едвај го чекам денот кога ќе можам да кажам дека сум се вратила од другата страна“, додаде таа.
Поранешната детска ѕвезда на Дизни го издаде првиот албум во 2008 година, а во документарецот што излезе во октомври, таа откри дека почнала да користи кокаин на 17-годишна возраст.