КОНЦЕРТ НА „БАКЛАВА“ И ИЗЛОЖБА НА РЕПЛИКИ НА СКАПОЦЕНИ КАМЕЊА ВЕЧЕРВА ВО ЗАГРЕБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Вечерва (23 април) во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб ќе се одржи мултимедијален настан, составен од изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ и концерт на групата „Баклава“. Етно групата ќе го прослави 20-годишниот јубилеј со традиционални и авторски песни испеани на повеќе јазици.
„Овие песни пејачката Елена Христова, која живее во Македонија и Турција, ги селектира од репертоарот на ‘Баклава’. На репертоарот ќе се најдат и песни од нејзиниот најнов проект ‘Јоруклук‘“, велат од „Баклава“.
Изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ се организира во соработка со македонското здружение ,„Откритие“. Автори на изложбата се инженерите Деан Шкартов и Илија Петковски, кои десетици години се занимаваат со промоција на природни кристали, минерали и скапоцени камења. На изложбата ќе бидат претставени експонати и реплики изработени од скапоцени камења.