Американската актерка Кристина Еплгејт ја откри својата ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд, што беше нејзино прво појавување во јавност откако лани во април ѝ беше дијагностицирана мултипла склероза.
Педесетгодишната Еплгејт, која тешко се движи поради болеста, се расплака додека зборуваше за својата ќерка, заблагодарувајќи ѝ се за големата поддршка.
„Најважната личност на овој свет е ќерка ми. Благословена сум за секој ден што се будам и те носам на училиште. Ти благодарам што си покрај мене во сето ова“, изјави Еплгејт.
Таа претходно најави дека третата сезона од серијата „Dead To Me“, која излегува на 17 ноември, ќе биде нејзиниот последен актерски ангажман.
„Луѓето првпат ќе ме видат како хендикепирана личност и тоа е многу тешко“, кажа Еплгејт, која претходно се бореше и со рак на дојка, кој ѝ беше откриен на 36 години.
(Фото: АФП)