Режисерот Кристофер Нолан и неговата сопруга и продуцентка Ема Томас ќе добијат витешки титули за нивните заслуги за филм, што следува по успехот на „Опенхајмер“, за кој и двајцата добија Оскар. Нолан ќе ја носи титулата сер, а Томас ќе стане дејм.
Веста за нивните почести дојде како изненадување, зашто титулите вообичаено се доделуваат двапати годишно, за нова година и за роденденот на монархот.
Роден во Лондон во британско-американско семејство, Нолан ја запознал Томас кога имал 19 години, додека и двајцата студирале на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Се венчаа во 1997, добија четири деца и ја водат продукциската компанија „Синкопи“, која стои зад повеќето нивни блокбастери.
Кога неодамна доби признание од Британскиот филмски институт како „еден од најиновативните и највлијателни филмаџии“, Нолан ѝ припиша големи заслуги за тоа на својата сопруга.
На последното доделување Оскари, „Опенхајмер“ доби седум статуетки, меѓу кои и за најдобар филм и најдобар режисер.
(Фото: АП)