Леброн Џејмс го продолжи договорот со Лос Анџелес Лејкерс за уште две години, за што ќе добие 97,1 милион долари, а има и опција да остане во клубот колку сака. На овој начин се отстранети шпекулациите дека Џејмс би можел да стане слободен играч следното лето.
Триесет и седумгодишниот Џејмс со ова стана кошаркар со најголема заработка во историјата, која достигна 532 милиони долари, со што го надмина Кевин Дјурант.
Џејмс, кој во декември ќе наполни 38 години, освои четири шампионски титули, четири пати беше прогласен за МВП и има 18 учества на ол-стар натпреварите.
Лејкерс не се пласираше во плејофот минатата сезона, иако Џејмс имаше просек од 30,3 поени, 8,2 скока и 6,2 асистенции. Ако продолжи со просекот од 27 кошеви по натпревар, се предвидува дека во јануари ќе го надмине Карим Абдул-Џабар како најдобар стрелец во историјата на НБА.