ЛЕДИ ДИ ЈА ПОБЕДИ ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА – ЧЕТИРИ ЗЛАТНИ ГЛОБУСИ ЗА „КРУНА“

Лос Анџелес, (Скај)

Хит серијата на „Нетфликс“, „Круна“, е меѓу големите победници на денешното доделување на Златните глобуси. Серијата за британското кралско семејство, од која досега се снимени четири сезони, а најавени се уште две, доби четири награди, меѓу кои и за најдобра драмска серија.

Џилијан Андерсон како премиерката Маргарет Тачер освои глобус за најдобрата споредна улога, Ема Корин како принцезата Дијана е најдобра актерка, а Џош О’Конор како принцот Чарлс е најдобар актер.

Последната сезона го опфаќа периодот од крајот на 1970-ите, преку свадбата на Чарлс и Дијана до проблемите во нивниот брак и најавата за развод.

Корин (25), која пред „Круна“ беше непозната за пошироката јавност, во својата категорија ја победи оскаровката Оливија Колман, која ја игра кралицата Елизабета Втора.

„Дијана, ти благодарам многу! Ме научи на разбирање и емпатија повеќе одошто можев да замислам“, рече Корин при примањето на наградата.