Над 100 ѕвезди ќе земат учество на вечерашниот специјален концерт за поддршка на оние кои од првата линија на фронтот се борат против коронавирусот. Шестчасовниот настан „Еден свет: заедно дома“, што го иницираше Леди Гага, ќе се пренесува на интернет и на телевизии, а почнува во 20 часот по македонско време.
Меѓу оние кои ќе настапат од дома се „Ролинг стоунс“, Елтон Џон, Тејлор Свифт, Били Ајлиш, Андреа Бочели, Алиша Киз, Еди Ведер, Џенифер Лопес, Стиви Вондер, Пол Макартни, Фарел Вилијамс, Сем Смит и Селин Дион, а ќе се вклучат и голем број филмски, телевизиски и спортски ѕвезди. Водители ќе бидат Стивен Колберт, Џими Кимел и Џими Фалон.
Леди Гага го организира „виртуелниот концерт“ заедно со движењето „Глобал ситизен“ и со Светската здравствена организација и нагласи дека вечерва нема да се собираат пари, туку целта се забава и испраќање порака на солидарност.
„Оставете ги вашите паричници, седнете и уживајте во шоуто“, кажа Гага.
Таа претходно веќе помогна да се соберат 35 милиони долари за борбата против КОВИД-19.
Настанот ќе оди во живо и на Фејсбук, Инстаграм, Амазон прајм, Твитер и Јутјуб.