Прославената манекенка Линда Еванџелиста откри дека во голема приватност се борела со рак на дојка во изминатата година, што е вторпат да ѝ е дијагностицирана оваа болест. Во интервјуто за „Вол стрит џурнал“, 58-годишната Еванџелиста кажа дека била подложена на двојна мастектомија кога ракот првпат ѝ бил откриен во декември 2018.
„Мислев дека сум добро и бев спремна за живот, кога минатиот јули открив нова грутка на градите. Прогнозите сега се добри откако имав уште операции и третмани со хемотерапија и зрачење“, изјави Еванџелиста.
Таа кажа дека малкумина знаеле за ова.
„Не сум од оние кои сакаат сѐ да споделуваат со сите. Си реков дека ќе го споделам ова еден ден, но додека поминувам низ тоа, апсолутно не“.
Еванџелиста признава дека е свесна дека болеста пак може да ѝ се врати.
„Знам дека сум со една нога во гроб, но сега сум во фаза на славење“.
(Фото: Вол стрит џурнал)