Лука Дончиќ објави емотивно проштално писмо до градот Далас откако беше финализирана размената со која тој беше испратен во Лос Анџелес Лејкерс, а во Маверикс дојде Ентони Дејвис. Дончиќ рече дека „толку многу сакал да му ја донесе шампионската титула на градот“ и мислел дека кариерата ќе ја помине во Далас.
„За младо дете од Словенија кое доаѓа во САД направивте северен Тексас да го чувствувам како дома. Во добри и во лоши времиња, од повреди до финале во НБА, вашата поддршка никогаш не се промени. Ви благодарам не само што ја споделувавте мојата радост во нашите најдобри моменти, туку и што ме подигнавте кога најмногу ми требаше“, кажа Дончиќ.
Тој беше многу популарен во Далас, но и на други места. Неговиот дрес со број 77 беше рангиран на осмото место меѓу најпродаваните дресови на официјалниот сајт на НБА. По 422 одиграни меча, Дончиќ стана шестиот најдобар стрелец во историјата на Далас и втор најдобар во тројки.
По веста дека Дончиќ заминува во Лос Анџелес, фановите се собраа пред салата на Маверикс и донесоа ковчег и одржаа минута молчење. Размената била договорена во толкава тајност, што ни Дончиќ, ни Дејвис, а ни нивните тренери и соиграчи не знаеле за неа.
Тој дојде во Маверикс во 2018 од Реал Мадрид и лани го предводеше до НБА финалето.
(Фото: АП)