МАЧОРОТ ЛЕРИ ПРОСЛАВУВА 10 ГОДИНИ СТАЖ ВО РЕЗИДЕНЦИЈАТА НА БРИТАНСКИОТ ПРЕМИЕР

Лондон, (Гардијан)

Главниот британски фаќач на глувци прославува десет години влечење по ходниците на политичката моќ на улицата Даунинг 10. Мачорот Лери денеска одбележува една деценија откако го замени засолништето за кучиња и мачки „Батерси“ во Лондон со резиденцијата на британскиот премиер. Тој беше првиот мачор на оваа адреса од пензионирањето на Хамфри во 1997 година.

(Фото: АП)

„Ми се чини како да беше вчера кога Лери дојде во нашето засолниште во потрага по дом. Мислам дека тогаш никој не можеше да замисли колку неверојатен живот ќе има“, изјави Линдзи Квинлен од „Батерси“.

За време на својот стаж на улицата Даунинг 10, сега 14-годишниот Лери беше верен придружник на тројца премиери, почнувајќи од Дејвид Камерон. Заедно со сегашниот премиер Борис Џонсон, тој ја надгледуваше сагата околу излегувањето на Велика Британија од Европска Унија. Меѓу бројните светски лидери со кои се запозна се и Барак Обама и Доналд Трамп.