Мадона наредниот месец ќе наполни 60 години и планира да го прослави роденденот со хуманитарна акција за помош на деца и сирачиња од Малави, африканската држава од којашто има посвоено четири деца.
Таа покрена онлајн фонд, што ќе биде отворен до 31 август, преку кој фановите ќе можат да донираат пари и во првите неколку часа веќе биле собрани 60.000 долари. Собраните средства се наменети за нејзината фондација за децата од Малави.
„За мој роденден не можам да посакам подобар подарок од поврзувањето на моето глобално семејство со оваа прекрасна земја и со децата на кои помошта им е најпотребна. Секој уплатен долар директно ќе биде наменет за оброци, училишта, облека и за медицинска помош. Сакам заедно со моите пријатели, фанови и поддржувачи да ги промениме животите на децата од Малави“, изјави поп-кралицата.
Мадона, која ќе наполни 60 години на 16 август, ја основа фондацијата во 2006 година, во исто време кога посвои машко дете од оваа земја.