МАЈКА И ЌЕРКА СТАНАА ИНТЕРНЕТ СЕНЗАЦИЈА ОТКАКО БИЛЕ СНИМЕНИ КАКО УПРАВУВААТ СО „БОИНГ“

Атланта, (Дејли мејл)

Фотографија на мајка и ќерка во пилотската кабина на авион на компанијата „Делта“ се прошири на интернет, откако била снимена од еден патник.

Капетанката Венди Рексон и првата офицерка Кели Рексон управувале со авион „боинг 757“ со 170 патници на летот од Лос Анџелес до Атланта, кога биле снимени од Џон Вотрет, кој потоа ја објавил фотографијата на Твитер, собирајќи преку 50.000 лајкови.

„Првата офицерка имаше голем идол во својата амбиција да стане пилотка – нејзината мајка. Ова е одлично за авијацијата и инспирирачки за сите нас“, напиша Вотрет.

Ова, сепак, не е ништо чудно за семејството Рексон, бидејќи таткото на Венди е пензиониран пилот, а нејзините сопруг и сестра, исто така, се пилоти.