Тоа би била фантастична вест ако Селин Дион пее на отворањето на Олимпијадата, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по шпекулациите дека канадската пејачка ќе има настап в петок.
Дион, која од 2022 се бори со ретко невролошко нарушување, беше снимена во Париз вчера, исто како и Леди Гага, што ги поттикна шпекулациите дека двете поп ѕвезди би можеле да настапат на петочната церемонија на реката Сена. Сепак, Макрон не потврди дека тоа ќе се случи.
„Таа пристигна во Париз, тоа е одлично. Би бил неизмерно среќен ако Селин биде на отворањето. Нема ништо да откријам што се подготвува. Ќе има изненадувања“, изјави Макрон.
Ако пее в петок, тоа ќе биде првиот настап за Дион откако во 2022 ѝ беше дијагностициран синдромот на вкочанетост, кој се одразува и врз нејзиниот глас. Дион беше дел и од церемонијата на отворањето на ОИ 1996 во Атланта.
Покрај Дион, во Париз е снимена и Леди Гага, која го преработи класикот на Едит Пјаф „La Vie en rose“ за филмот „Ѕвезда е родена“.
(Фото: Мега/ГЦ)