МАЛА ХРВАТСКА ОПШТИНА ПРОДАВА ЕВТИНИ ИМОТИ И ГРАДИ СПОРТСКИ ЦЕНТАР И ГРАДИНКА ЗА ДА ГИ ПРИВЛЕЧЕ МЛАДИТЕ СЕМЕЈСТВА ДА СЕ ПРЕСЕЛАТ ВО ПЕТРИЈАНЕЦ

Вараждин, (ХРТ)

Општина Петријанец кај Вараждин во Хрватска долго време инвестира во изградба на објекти кои најмногу ќе ги користат помладите локални жители, и со тоа привлекуваат нови млади да се преселат во нивната општина.

Во тек е изградба на спортски центар, а младите семејства можат да купат имоти и станови по пристапна цена.

Во областа, според последниот попис има 4812 жители, од нив во населбата Петријанец се 1429, а останатите се во другите шест населби во истата општина.

Во општина Петријанец секаде има работа. Во населбата Мајерје продолжува изградбата на спортскиот центар. Новото игралиште е завршено и децата веќе го користат, без да го чекаат официјалното отварање.

Се реновираат и просториите на фудбалскиот клуб „Мајерје“ во кој се инвестирани 164 илјади евра. Во населбата Нова Вес ќе се гради нова станбена зона со неколку десетици станбени парцели наменети за изградба на куќи за млади семејства.
„Продадовме вкупно 29 станбени парцели, по субвенционирана цена. Младите сè повеќе ги сфаќаат предностите на живеењето надвор од големите градови“, рече Жељко Посавец, градоначалник на општина Петријанец.

„Ова е прилично мирна средина, блиску сме до Вараждин, пет-шест минути со автомобил, а многу се вложува во изградбата на градинки и во реновирањето на училиштата“, рече инвеститорот Дарко Микулек.

„Купопродажен договор потпишавме со еден млад човек од Дубровник кој ќе се пресели во населбата Нова Вес, бидејќи тука ја најде својата идна сопруга“, додаде Посавец.

Општина Петријанец не сака неподготвени да ги пречекува младите семејства, па наскоро ќе почне доградбата на локалното училиште и спортската сала, а штом ќе се решат административните работи ќе започне и изградба на градинка.

 

(Фото: Фејсбук)