МАРТИНА СПАСОВСКА ВО ВЕЛЕС ИЗЛОЖУВА ПОРТРЕТИ НА ЖЕНИ ЖРТВИ НА РОДОВО НАСИЛСТВО

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Европската куќа во Велес е отворена изложба на ликовната уметница Мартина Спасовска. Таа се претставува со десетина дела, портрети изработени во масло на платно. Изложбата со наслов „Лузни на издржливост, гласови на надеж“ визуелно ги прикажува лузните и болката низ ликови на жени жртви на родово насилство.

„Овие платна носат моќна порака за издржливоста и надежта, претставувајќи ги борбата и силата на оние кои се соочуваат со оваа реалност“, кажа авторката Спасовска.

Изложбата е наменска, во рамките на кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство, поддржана од ЕУ, ОБСЕ, УСАИД и ОН за Македонија.

Спасовска е млада визуелна уметница, родена во 1997 во Куманово. Дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2023.

П. ПЕЧКОВ