Меган Маркл ја обвини Бакингамската палата за одржување лаги против неа и принцот Хари во нов исечок од интервјуто со Опра Винфри, што ќе се емитува в недела во САД и се очекува со голем интерес.
Тоа ќе биде прво интервју на Хари и Меган откако пред една година излегоа од кралското семејство и се очекува во него да откријат детали за своите причини за повлекувањето и преселбата во САД. Во првата кратка најава, Хари кажа дека заминале зашто стравувале дека ќе се повтори историјата, алудирајќи на трагичната смрт на неговата мајка, принцезата Дијана.
Во клипот од 30 секунди, Винфри ја прашува Маркл како се чувствува поради тоа што палатата денеска ќе ја чуе вистината.
„Не знам како мислат тие дека ние по сето ова време ќе молчиме, ако кралското семејство има активна улога во одржувањето лаги против нас“, вели Маркл.
Ова следува само ден откако весникот „Тајмс“ објави дека против војвотката од Сасекс била поднесена жалба за малтретирање додека сѐ уште била вработена во кралското семејство. Според приказната, жалбата била поднесена во 2018 од член на кралскиот персонал и Бакингамската палата објави дека е загрижена поради вакви тврдења и ќе спроведе истрага.
„Војвотката е тажна поради последниот напад врз неа, особено зашто и таа самата беше предмет на малтретирања и секогаш ги поддржуваше оние кои искусиле болка и траума“, соопшти нејзин портпарол.