МЕРКЕЛ РАБОТНО ГО ПОМИНУВА 65. РОДЕНДЕН И НЕ РАЗМИСЛУВА ЗА ПЕНЗИЈА

Берлин, (Би-Би-Си)

Ангела Меркел, која во изминатите недели ја загрижи германската јавност за своето здравје, денеска полни 65 години и најави дека тоа ќе биде обичен работен ден за неа. Од нејзината канцеларија соопштија дека Меркел ќе ја води редовната седница на својот кабинет, што се одржува секоја среда.

„Роденден не значи дека човек станува помлад. Можеби, само малку поискусен“, кажа Меркел.

Иако трипати беше видена како се тресе на јавен настан, за на последните два, спротивно на протоколот, да седи при интонирањето на химните, Меркел упорно ја уверува јавноста дека е добро и дека е во состојба да ги извршува своите секојдневни обврски. Таа вели дека има намера да остане канцелар до завршувањето на мандатот во 2021, иако уште следната година ги исполнува условите за пензија.

Денешните германски тинејџери не знаат за друг канцелар освен Меркел, имајќи предвид дека таа е на функцијата од 2005 година, но и натаму важи за најомилен и најпопуларен политичар во земјата.

„Долготрајната популарност на Меркел се должи на особини како непретенциозност и на јасниот политички стил без осцилации. Таа и натаму на луѓето им дава чувство на сигурност и стабилност. Меркел одлично се снаоѓа и во надворешната политика, без разлика во чие друштво се наоѓа“, вели Манфред Гилнер, директорот на демографскиот институт „Форса“.