МЕСИ ИМАЛ ДОГОВОР СО БАРСЕЛОНА ОД 555 МИЛИОНИ ЕВРА, ШТО ГО ПРАВИ НАЈГОЛЕМ ВО ИСТОРИЈАТА НА СПОРТОТ

Барселона, (Би-Би-Си)

До вчера се веруваше дека американските професионални спортисти ги имаат најбогатите договори во светот на спортот, а потоа весникот „Ел Мундо депортиво“ ги објави лудите, тајни бројки од „фараонскиот“ договор што Лео Меси го има со Барселона.

Тие откриваат дека тој во 2017 потпишал четиригодишен договор вреден 555.237.619 евра, односно фиксни 138 милиони по сезона. Тука влегуваат и 115.225.000 евра за самото прифаќање на договорот, како и бонус за лојалност од 77.929.955 евра. Овој договор истекува на 30 јули 2021 и засега е нејасно дали Меси ќе остане во Барселона.

Клубот демантираше дека е одговорен за протекувањето на договорот и најави „соодветна законска акција“.

Кога ѕвездата на американскиот фудбал Патрик Махомс во јули потпиша 10-годишен договор со Канзас Сити вреден 503 милиони долари, тамошните медиуми го опишаа како прв спортист од половина милијарда долари. Ова сега е поништено од дознавањето на вистинските размери на договорот на Меси со Барселона, за кој „Ел Мундо депортиво“ вели дека го уништил клубот.