МИ СЕ ОСТВАРИ СОНОТ ДА ЈА ПРОМОВИРАМ МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО МАЛЕЗИЈА, ВЕЛИ ПИЈАНИСТКАТА СНЕЖАНА ПАНОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската амбасадорка за култура во Малезија, пијанистката Снежана Пановска, веќе 30 години живее во Куала Лумпур со сопругот Милан Пановски. Изминативе 30 години, таа има освоено преку 170 интернационални награди, настапила на концерти во 18 земји и била член на жирија на конкурси за пијанисти во Азија и Европа.

„Неверојатна е нашата азиска животна приказна, ни го збогати животот со нови сознанија, прекрасни пријатели, нов начин на живот, многу нови култури, настани, традиции и обичаи, живот каде што секој ден е посебна приказна. Со професијата на мојот сопруг и со мојата кариера како наставничка по музика имавме можност да ја запознаеме Азија со покани за посети на места за кои може само да се сонува. Се чувствуваме како дома, дали е тоа Хонгконг, Ханој, Вухан, Си Ан, Сингапур, Пекинг, Џакарта, Токио, Нагоја, Фукуока, Бангкок, Медан, Бали, Ангкор Ват, Сајгон, Пном Пен“, ни изјави Пановска.

На нејзина иницијатива во Куала Лумпур е формирана асоцијацијата „Шопен сосејети Малезија“, со цел да се откријат нови млади талентирани музичари. Од формирањето досега организирале повеќе интернационални натпревари за пијано и фестивали.

„Ја почитувам, ја сакам и горда сум на мојата професија. За мојот придонес во афирмацијата на делото на пијанистот и композитор Шопен почестена сум со доделување на пасошот Шопен во 2010 година и воедно сум прогласена за светски граѓанин од Институтот на Шопен во Варшава и владата на Полска“, вели Пановска, која има трајно државјанство во Малезија, што ѝ го доделил премиерот на земјата.

 

Снежана Пановска со јапонската пијанистка Хироко Накамура. (Фото: Приватна архива)

„Овде е вечно лето и температурите секогаш се движат меѓу 25 и 35 степени. Мили луѓе, љубезни, среќни, насмеани, многу народи живеат заедно во мир. Прекрасна храна со неверојатни вкусови, бои и мириси, необично за нашите навики, но многу примамливо да се проба и засака. Особено големо внимание се посветува да биде чист јавниот простор и да нема смет на недозволени места“, вели Пановска.

Во Малезија има многу официјални празници на сите националности, како Бајрам, кој таму се вика Хари Раја, Депавали – индиски празник на светилките и кинеска Нова Година, која се прославува со игра на лавови и многу други традиционални обичаи. Се слават и празниците како 1 Мај, Денот на Малезија, роденденот на Буда и Мухамед. Пановска вели дека сите фамилии за своите празници имаат отворена куќа, каде се собираат блиските и пријателите за да прославуваат заедно.

„Ние живееме во куќа каде имам два концертни клавира и секогаш кај нас приредуваме концерти, на кои настапуваат млади уметници и кои се посетени од пријатели, но и амбасадори од многу земји. Социјалниот живот во Куала Лумпур главно се одвива во клубови. Животниот стандард е солиден, цените на некои намирници се помали отколку во Македонија, а квалитетот е значајно подобар. Од особено значење за културниот живот е формирањето на Филхармонијата во Малезија, која оваа година прославува 25 години постоење“, вели Пановска.

Додава оти е горда што нејзиниот поранешен студент Тенгки Ирфан бил диригент на славеничкиот концерт.

„Единствено што овде ни недостасува за животот да ни е комплетен е тоа што сме далеку од нашите деца и внуци, бидејќи ние сме фамилија која живее на три континенти“, вели Пановска.

Пановска со американскиот пијанист Леон Флајшер во Хонгконг. (Фото: Приватна архива)

Сега е директорка на Првиот конзерваториум за музика во Малезија, во рамките на Универзитетот Санвеј во Куала Лумпур.

„Се оствари мојот сон и во Малезија да има институција за музичко образование од ваков вид. Секогаш со многу радост и упорност ќе се трудам да помогнам на секој кој го заслужува тоа. Во Малезија сум ги презентирала нашето музичко творештво, нашите композитори и уметници и на сите настани гостите ги поздравувам на македонски јазик. Многумина од нив никогаш не слушнале за Македонија. Во Јапонија доживеав специјален третман на аеродромот во Нагоја кога го видоа мојот македонски пасош. Се ангажираа да ме испратат до моето место во авионот, а јапонската кукла која ја добив како подарок и која требаше да оди со другиот багаж, ми ја донесоа до моето место и направија сѐ да се чувствувам посебно. Јас сум била прв граѓанин на Македонија кој патувал од нивниот аеродром“, кажа Пановска.

Пановска со Тун Др Махатир, поранешниот премиер на Малезија. (Фото: Приватна архива)

Една од нејзините ученички со кои и денес е пријателка е пијанистката Даница Стојанова, сегашната директорка на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.

„Даница Стојанова ми беше ученичка додека бев во Скопје. Секогаш сме биле во контакт и секогаш сум верувала во нејзините способност и визија на одличен професионалец и, пред сѐ, човек со огромно срце. Привилегија е во нашата средина да имаме личност со квалитетите на Стојанова: прекрасна пијанистка, почитувана професорка, промоторка на македонското музичко творештво во светот и идеална раководителка на ‘Илија Николовски-Луј‘“, изјави Пановска.

М. ЏАРОВСКА