МИЛА КУНИС И ЕШТОН КУЧЕР ЗА ЕДЕН ДЕН СОБРАА 6,8 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА БЕГАЛЦИТЕ ОД УКРАИНА

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Холивудската двојка Ештон Кучер и Мила Кунис собраа над 6,8 милиони долари откако вчера отворија страница на „GoFundMe“ за помош на бегалците од Украина. Кунис, која е родена во украинскиот град Чернивци, се преселила во САД во 1991.

„Отсекогаш сум се сметала за Американка, горда Американка, но никогаш како сега не сум била погорда што сум Украинка. Она што се случува во Украина е уништувачко, никаде на светот не може да има место за таков неправеден напад на човештвото“, изјави Кунис.

Кучер и Кунис, кои се во брак од 2015, кажаа дека собраните пари ќе бидат искористени за помош на бегалците и луѓето во Украина погодени од руската инвазија. Тие ветија дека самите ќе донираат три милиони долари, а крајната цел е да се соберат 30 милиони.

Во интервјуа во минатото, Кунис се дистанцираше од своето украинско потекло, велејќи дека не се идентификува со својата родна земја. Таа е родена во еврејско семејство како Милена Марковна Кунис и имала седум години кога со родителите и братот се преселиле во Лос Анџелес со заштеда од само 250 долари.