Босанскиот репрезентативец Миралем Пјаниќ ќе се пресели од Јувентус во Барселона по завршувањето на сезоната, во замена за младиот Бразилец Артур.
Триесетгодишниот Пјаниќ потпиша четиригодишен договор, додека Барселона во исто време го осигура со откупна клаузула вредна 400 милиони евра. Тој помина четири сезони во дресот на Јувентус и летово има шанса да ја освои и четвртата титула во Серија А.
Пјаниќ е роден во Тузла во 1990, но никогаш не играл фудбал во својата татковина. Набргу по избивањето на војната во БиХ, тој со родителите заминал за Луксембург, каде што почнал да тренира фудбал на седумгодишна возраст. Како 14-годишник станал дел од клупската академија на Мец, од каде што преку Лион стигна во Рома во 2011. Пет години подоцна премина во Јувентус за 32 милиони евра.
Иако играше за младите селекции на Луксембург, тој во 2008 избра да го носи дресот на БиХ.