Новогодишна програма под слоганот „Чао 2020” која е во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се емитува на 31 декември во 20 часот на нивната официјална Фејсбук страна, Јутјуб канал и скопската локална телевизија Едо.
Покрај музичките настапи на македонските бендови Фанк Шуи, Суперхикс, Shock Troopers и Зулу 3.4., српскиот панк рок бенд Atheist Rap, од студиото на МКЦ ќе настапат и артистите Дамјан Маневски, Александар Велики, Дина Јашари, Васко Атанасовски, Диџеј Фиц и Стојче.
Покрај музичките изведби, во програмата се вклучени и настапите на стендап комичарите Влад Илич и Марко Дејановиќ, и специјален готвачки сет на Никола Исаиловски познат и во јавноста како Фат Цацко.
За крај е предвидено читање на поезија во КЦ 750.
„Како организатори и домаќини на скоро 400 поединечни настани во 2020, редно беше да се пробаме и со Новогодишна емисија. Конципираме програма што и ние би сакале да ја гледаме доколку сме дома пред екраните, а не на работа, која повторно на драго срце, сепак сами си ја накалемивме“, велат од МКЦ.
К. СЕЛАМОВСКА