МЛАДИТЕ МАКЕДОНСКИ ТАНЧАРИ ОСВОИЈА 11 ЗЛАТНИ ПЕХАРИ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ШВЕДСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младите македонски танчари од студиото „Денсерс јунајтед“ освоија 11 златни, девет сребрени и пет бронзени пехари на Европското танц првенство во Шведска. Од 30 октомври до 3 ноември во Упсала се одржа натпреварот „Мега денс викенд“, на кој учествуваа 3.375 танчари од повеќе европски земји.

Во рамките на натпреварот се одржа и Европско првенство во латиноамерикански танци на Светската уметничка танцова федерација, на кое настапија 13 македонски претставници.

Наградените танчари од Македонија се Су Али, Луна Дариа Кочан, Емили Нера Кочан, Ена Ефендилер, Ада Ефендилер, Нина Спасовска, Нина Андоновска, Тина Муминовиќ, Илина Талеска, Ангела Николиќ, Јована Несторовска, Гала Пановска и Лилјана Стојанов.

„Секој натпревар е големо искуство за нас како тренери, танчари и за мене како судија. Со голема радост ги прифаќаме поканите да учествуваме на сите позначајни меѓународни, светски и европски првенства. Ова Европско првенство во Шведска беше само уште еден показател дека нашите танчари се на врвно ниво“, рече Сара Кочан, која беше судијка.

Во периодот кој следува танчарите на „Денсерс јунајтед“ ќе учествуваат на натпревари во Романија, Хрватска и Србија и Велес. На 3 декември, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, танцовото студио ќе ја одржи својата 10. инклузивна танцова претстава во Македонскиот народен театар, на која се слави различноста преку танц, музика и уметност.