МНТ СО „12“ ЌЕ ГОСТУВА ВО САРАЕВО, СО „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Вечерва (12 април) од 19:30 часот, во Народно позориште во Сараево Македонскиот народен театар (МНТ) ќе гостува со претставата „12“, адаптација на делото на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
Сараевската публика ќе ја гледа моментално најбарана претстава во Македонија во која игра позната актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
МНТ со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ ќе гостува во Белград на 4 јуни во Народно позориште Претставата е во адаптација и режија на Егон Савин.
Играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова (фото), Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.
Бранислав Нушиќ е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај во 1945, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ.
МНТ со истата претстава ќе учествува и на 70. издание на фестивалот Стериино позорје во Нови Сад. Фестивалот ќе се одржува од 26 мај до 3 јуни .
Со „Народен пратеник“, и со „12“  МНТ имаше успешно гостување во Подгорица, во Црна Гора.
Претставата „12“ на 17 јули ќе биде дел од програмата на „Охридско лето“, а истата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“.