МОНТАЖЕРОТ ДИМИТАР ГРБЕВСКИ Е ГОДИНАШНИОТ ДОБИТНИК НА ГОЛЕМАТА ЅВЕЗДА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмскиот и телевизиски монтажер Димитар Грбевски е годинашниот добитник на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

„Оваа година се одлучивме за професионалец кој остави длабока трага во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот Голема ѕвезда на македонскиот филм“, велат од ДФРМ.

Димитар Грбевски започнал да работи како филмски монтажер во РТВ Скопје во 1965, а во 1975 се вработил во Вардар филм. Од 1992 беше професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во 2011 замина во пензија.

Како асистент на монтажа и монтажер работел на повеќе од 30 филмови, ТВ-филмови и серии, како „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Дае“, „Црвениот коњ“ и „Џипси меџик“.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Северџан Бајрам, Горјан Тозија и Лабина Митевска.