МОЖЕМЕ ДА СЕ ЗАБАВУВАМЕ И ДОМА – СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОД „НИКОЛА КАРЕВ“ СО ОНЛАЈН НОВОГОДИШНИ ЗАБАВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците од скопската гимназија„Никола Карев“ организираат тридневен настан со апел да се  поминува повеќе време со најблиските, наместо организирање на собири и новогодишни прослави. Во услови на пандемија настанот ќе биде одржан онлајн на социјалните мрежи на ученичката заедница.

„Сакаме да пренесеме порака за добро однесување и почитување на препораките и мерките од Министерството за здравство, а притоа да се покаже дека можеме да се забавуваме и на безбеден начин. И покрај лошите услови да покажеме дека сите сме заедно во оваа голема битка и малку да се забавуваме“, велат средношколците.

Настанот ќе започне на утре со  хуманитарната акција во која учениците од „Карев“ ќе подарат новогодишни пакетчиња и новогодишни честитки на социјално загрозените ученици, деца и младинци.

Вториот ден ќе биде отворен со едукативни работилници на теми за менталното здравје и личен развој и турнири во игри на интернет, додека во третиот ден од настанот предвидено е поетско читање во соработка со иницијативата Култура бета и проекција на краткометражниот филм „Малечка“ од младата режисерка Ана Андонова. Настанот ќе биде заокружен со музички перформанс на три бендови од „Арт Хаус Карев“.

К. СЕЛАМОВСКА