Жозе Мурињо се враќа во фудбалот по 11 месеци пауза и тоа повторно во англиската Премиерлига.
Тој утрово беше потврден за нов тренер на Тотенхем, само 12 часови по смената на Маурисио Покетино, кој шест месеци порано беше славен како херој откако го одведе клубот до првото финале на Лигата на шампионите. Мурињо потпиша договор со важност до крајот на сезоната 2022/23 и, според англиските медиуми, ќе заработува 15 милиони фунти по сезона, што е двојно повеќе од Покетино.
Покетино, кој важи за еден од најперспективните тренери во Европа, настрада поради слабиот старт на сезоната, во кој Тотенхем по 12 кола се наоѓа едвај на 14. место.
Мурињо има импресивна статистика во Англија. Тој е тренер кој најбрзо стигнал до 50 (63 мечеви) и до 100 победи (142) во Премиерлигата и сега е на бројката од 190. Границата од 200 победи ја имаат надминато само Алекс Фергусон, Арсен Венгер, Хари Реднап и Дејвид Мојс. Со Челзи и Манчестер има освоено вкупно 11 трофеи. На новата функција ќе дебитира в сабота, на гостувањето кај Вест Хем, а на „Олд Трафорд“ се враќа веќе на 4 декември.
„Возбуден сум што доаѓам во клуб со така големо наследство и со така страсни навивачи. Ме возбудува квалитетот и на екипата и на академијата“, изјави 56-годишниот Мурињо, кој остана да живее во Лондон.