АФРИКАНСКАТА ДИВА АНЖЕЛИК КИЏО И ЕСТОНСКИОТ КОМПОЗИТОР АРВО ПЕРТ ЈА ДОБИЈА „НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА МУЗИКА“ ЗА 2023

Стокхолм, (Си-Ен-Ен)

Петкратната добитничка на Греми, Анжелик Киџо, е меѓу годинашните лауреати на музичката награда Полар, која неретко се нарекува Нобелова награда за музика. По потекло од Бенин, Киџо е само третиот музичар од Африка кој ја добива оваа престижна награда, по Миријан Макеба (2002) и Јусу Н‘Дур (2013).

Покрај 62-годишната Киџо, која настапи на отворањето на последните Олимписки игри во Токио и која магазинот „Тајм“ ја нарече „првата дива на Африка“, Полар ќе добијат и Крис Блеквел, основачот на британската издавачка куќа „Ајленд рекордс“ и Естонецот Арво Перт (87), најизведуваниот жив композитор на светот.

Наградата Полар ја востанови поранешниот менаџер на „АББА“, Стиг Андерсон и првиот добитник беше Пол Макартни во 1992. По него следуваа музички легенди како Елтон Џон, Реј Чарлс, Боб Дилан, „Лед Цепелин“, „Пинк Флојд“, Бјорк, Стинг, „Металика“ и Иги Поп. Лауреатите добиваат еден милион шведски круни.

(Фото: Гети)