АМЕРИКАНСКАТА ГРУПА „ФЛЕЈМИНГ ЛИПС“ ОДРЖА УНИКАТНИ КОНЦЕРТИ ВО ТОПКИ НА НАДУВУВАЊЕ

Оклахома Сити, (Би-Би-Си)

Американската рок група „Флејминг липс“ одржа уникатни концерти во Оклахома Сити, на кои членовите на бендот и посетителите беа сместени во топки на надувување.

На секој од двата концерта имаше по 100 топки кои можеа да примат по тројца фанови, додека членовите на групата свиреа исто така во одделни капсули. Концептот го осмисли фронтменот Вејн Којн, кој често за време на концертите се превртува над публиката во топка. Зборувајќи пред концертите, Којн кажа дека тие ќе бидат побезбедни од одење во продавница.

Секоја топка беше опремена со високофреквентен звучник, шише вода, фен на батерии, пешкир и со знак „ми се моча/жешко е внатре“. Во случај да станеше претопло, топките се полнеа со разладен воздух, а во тоалет се одеше во придружба на редари, со задолжително носење маска. Целата публика беше сместена во топките 20 минути по доаѓањето во салата.

Идејата за ваков концерт беше тестирана во јуни, кога групата изведе една песна во шоуто на Стивен Колберт.